Голем црковен собир на втор ден Божиќ на манастирот „Добра вода“ во Оризари
Голем црковно народен собир се организираше на манастирот Добра вода во Оризари на втор ден Божиќ кога се одбележува празникот Собор на Пресвета Богородица. Собирот на овој убав ден прерасна во традиција. Домаќинките сукаа зелници, а се кршеше и лепче со паричка. Кумот на собирот го предава кумството на нов кум, а свештеникот ја освети водата, го благослови лебот, виното и пченицата и им посака среќно Ново 2023 – то лето Господово на сите верници.



Без греана ракија и добра музика не помина и овој собир. Најголемата пречка за црковниот собир да биде уште помасовен досега беше тешко пристапниот пат до манастирот. Откако е асфалтиран, голем број верници доаѓаат на манастирот, се молат на Бога за здравје и полнат вода од лековитиот извор кај црквата. Манастирот во моментов е во фаза на фрескоживописување.

-Сакам да изразам голема благодарност на сите верници кои дојдоа заедно да го чествуваме овој празник и заедно да го одбележиме денот на Христовото раѓање. Оваа е 11 та година како на овој ден правиме собир на манастирот, домаќинките сукаат зелници, а подготвуваме и трпеза. Манастирот е во фаза на сликање на фреските, па сакам да истакнам дека секој верник кој што сака може да донира за негово фрескоживописување, а може да си донира и фреска на светител кој што сака да биде насликан од негова донација, рече Стефан Смилков, домаќин на манастирот.

Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов кој присуствуваше на собирот ги поздрави сите верници и им посака добро здравје во новата година.

-Ваквите собири се за поздравување. Мило ми е што гледам голем број верници на собирот и би помогнал во иднина да продолжат ваквите собири за да можеме заеднички да ја споделиме радоста за Христовото раѓање, рече Папазов.
Инаку, на манастирот „Добра вода“ освен на вториот ден Божиќ, секоја година се слави и на првиот петок по Велигден или кај народот познат како Источен петок – Балаклија кога се празнува со црковно народен собир. Се верува дека водата во овој манастир е лековита.
