Промовирана монографијата “Костин Дол село што постои уште само на географските карти” од авторите Јане Атанасов и Славица Цветкова
Вчера (14 септември) крај манастирот „Св. Симеон Столпник“ во селото Костин Дол (кочанско) се одржа традиционалниот народен собир.
На собирот пред голем број присутни се одржа и промоција на монографијата за ова село под наслов КОСТИН ДОЛ СЕЛО ШТО ПОСТОИ УШТЕ САМО НА ГЕОГРАФСКИТЕ КАРТИ од авторите Јане Атанасов и Славица Цветкова.

Монографијата и нејзините автори ги најави Драги Трајчев, дипломиран правник и поет, кој повеќе години живее во манастирските објекти. Подоцна, во разговор со авторите, призна дека се чувствува како да добил Златен венец на Струшките вечери на поезијата, поради фактот што е претставен во монографијата.
Славица Цветкова, во кратки црти, се осврна на процесот на создавањето на монографијата и упати благодарност до сите кои, на било кој начин, помогнаа истата да се објави и да ја имаме во раце.
Јане Атанасов, кој потекнува од ова село, своето емотивно обраќање го започна со зборовите: „Жената девет месеци го чека моментот на породувањето а кога тоа ќе се случи, таа е пресреќна. Можете да замислите колкава е мојата среќа што, по повеќегодишна работа на нејзиното создавање, го дочекав моментот да ја имам во раце монографиијата за родното село“. Понатаму зборуваше за тоа дека оние кои поминале дел од својот живот во селото, ќе го носат истото во своето срце и својата душа до крајот на својот живот. Нивните потомци повремено ќе го споменуваат и посетуваат Костин Дол. Но следните генерации воопшто нема да знаат дека такво село постоело. За да не се случи тоа, тој и неговата соработничка Славица Цветкова, се обиделе да соберат што повеќе податоци за селото и животот во него меѓу кориците на монографијата. Обраќањето кон присутните Јане го заврши со зборовите: „Создавањето на монографијата за Костин Дол беше долготајна и тешка работа но ја работев со радост. Сега, кога истата ја имаме во форма на книга, за нас авторите доаѓа најтешкото нешто поврзано со оваа книга: да обезбедие пари за да го платиме нејзиното печатење. Но се надеваме дека, со помош на добри луѓе, ќе ја надминеме и оваа тешкотија“.
Монографијата има околу 300 страници, на кои има податоци за селото, за манастирот „Свети Симеон Столпник“, за училиштето „Јоаким Крчовски“, за видни – успешни луѓе кои потекнуваат од Костин Дол, за секојдневните работи на селаните, за верските обичаи и народното творештво, за флората и фауната …
На околу 100 страници, во монографијата се поместени голем број фамилијарни стебла.
Посебен прилог во книгата е Осоговскиот речник – преглед на зборови и изрази што се користеле во ова но и во другите села од Осоговието.
