Кошарката во Кочани не смее да згасне-салата мора да се реновира!
Деновиве Кошаркарската федерација на Македонија направи увид во спортската сала во Кочани, исто како што тоа го направи и во сите сали низ државата. Федерацијата професионално си ја заврши својата работа – и вистината излезе на виделина: нашата сала не ги исполнува ниту 50% од условите за натпреварување во Прва лига.

Да биде јасно: ФЕДЕРАЦИЈАТА НЕ Е ВИНОВНА!
Вината е кај оние што со години гледаа, а ништо не правеа. Вината е кај општината и надлежните институции кои ја оставија салата да пропаѓа и да стане пречка, наместо дом, за спортот во Кочани.
Баскет Дино е подготвен! Младите кошаркари и кошаркарки се спремни да направат голем чекор и наредната година да настапат во Прва лига (по Втора лига). Но со вакви услови – повторно ќе ни биде затворена вратата. Тоа значи уште една украдена шанса, уште една блокирана генерација која заслужува повеќе.

Затоа јавно и гласно кажуваме:
– Општината мора итно да реагира!
– Институциите мора да ја сфатат својата одговорност!
– Салата мора да се реновира и тоа веднаш, не утре, не догодина!
Ова не е само прашање за Баскет Дино. Ова е прашање за цел град, за сите млади, за сите родители, за секој љубител на спортот. Без сала нема да има натпревари, нема да има кошарка, нема да има иднина за децата што сонуваат да играат во својот град, пред својата публика.

Време е за дела, а не за празни ветувања.Кочани заслужува современа сала. Младите заслужуваат услови. Градот заслужува кошарка! Или ќе има реновирање, или Кочани ќе остане без спортска иднина. А тоа нема да го дозволиме!
За среќа и голема радост, оваа сезона Баскет Дино ќе продолжи да се натпреварува во младинските лиги – М12 машки и женски и М14 машки и женски, со што уште еднаш ќе покажеме дека кошарката во Кочани има иднина и дека младите се нашата најголема сила!