Граѓанскиот активист Зоран Тодоров поднесе кандидатура за независен градоначалник на Кочани
Зоран Тодоров, економист и граѓански активист, основач на повеќе граѓански здруженија вчера официјално поднесе кандидатура за независен градоначалник на Кочани во пресрет на Локалните избори што треба да се одржат на 19 октомври годинава.
Во своето обраќање тој рече:
Почитувани сограѓани,
Вчера ја поднесов независната кандидатура за градоначалник на Кочани. Некој би рекол ракавицата е фрлена, но јас би рекол раката кон сите во Кочани е подадена. Јас сум Зоран Тодоров – сопруг и татко на две деца кои секојдневно ме учат што значат љубов, трпение и посветеност.
По професија сум економист, но по суштина сум човек кој целиот свој живот го живее со одговорност, духовност и почит кон заедницата.
Роден и израснат сум овде, во Кочани – градот што ми ја вгради љубовта кон луѓето, чесноста кон трудот и верата во вистинските вредности.
Со моето семејство секој ден го живееме Кочани – не како место на случаен престој, туку како свесен избор.
Избор да бидеш човек, сосед, поддршка. Избор да не молчиш кога можеш да помогнеш. Избор да веруваш во луѓето и во заедничката сила што создава, а не уништува. Јас сум човек од дела – не од зборови.
Еден од основачите сум на повеќе организации, преку кои со конкретни акции и хуманитарни иницијативи со години сме им помагале на оние на кои најмногу им требало. Верувам во солидарноста – не како празна реченица на плакат, туку како нормална, човечка и граѓанска реакција кога некој страда или кога нешто може да се подобри.
Сакам живот во Кочани – не како навика, туку како одлука. Сакам живот во Кочани – со смисла, со срце и со иднина. Го гледам Кочани не како спомен што избледува, туку како иднина што мораме заедно да ја изградиме – чекор по чекор, човек до човек. Верувам дека овој град има душа, но таа душа бара нов глас. Глас на одговорност, искреност и храброст да се каже: „Доста е – време е за поинаку.“
Сакам живот во Кочани – достоинствен, праведен, инспиративен и топол.
