Крстевски: Кочани дише полесно – состојбата со Градската депонија е триумф за животната средина во регионов
Вршителот на должноста градоначалник на Општина Кочани Венко Крстевски ја оцени како голема победа за Кочани и Кочанската Котлина состојбата со Градската депонија, која и покрај екстремно високите летни температури летово ниеднаш не се запали.

– Депонијата во Кочани која со години ни го труеше воздухот поради лош менаџмент и го загрозуваше нашето загарантирано право на чист воздух, не се запали ниту еднаш. Чистиот воздух е од клучно значење за сите нас, особено за повеќе од 12.000 наши сограѓани кои се соочуваат со респираторни заболувања. Чистиот воздух значи подобро здравје, полесно дишење и подобар квалитет на живот за секој од нив, како и за сите нас – истакнува в. д. градоначалникот.

Крстевски додава дека оваа состојба се должи на напорна работа – депонијата е покриена со земја, а шансите за самозапалување се минимални.

Тој нагласи дека ќе ги продолжи ангажманите депонијата никогаш повеќе да не биде закана по здравјето и чистотата на Кочани, кое заслужува враќање на приматот најчист град.
