Отворени забавни фудбалски школи: По пауза од десет години „Open Fun Football Schools“ повторно во Кочани
По десет години пауза повторно ќе се организира Отворената забавна фудбалска школа што се реализира во рамки на проектот Open Fun Football Schools. Во Кочани ќе се одржи во петок на 23 мај со почеток во 10 часот на стадионот Никола Мантов.

Денеска во ОУ „Никола Карев“ се одржа состанок меѓу директорките на училиштата и одделенските наставници и наставниците по ФЗО од основните училишта од Кочани и Оризари каде беа договорени деталите околу реализирање на настанот.

-Особено задоволство ми е што сме повторно во вашиот град да направиме една прекрасна манифестација во соработка со покровителите и подржувачите на манифестацијата – Open Fun Football Schools, Ротари клуб Кочани – Виница и бизнис заедницата од Кочани во соработка со основните училишта од Кочани и Оризари. Ќе учествуваат 140 ученици од 4 то одделение, заедно со нивните одделенски наставници и наставниците по ФЗО заедно со наши инструктори. Ќе направиме една манифестација на градскиот стадион во Кочани во петок на 23 мај со почеток во 10 часот и тоа ќе биде манифестација на игра, забава и дружење на децата од сите училишта од Општина Кочани, рече Цено Александровски, организатор на Отворени забавни фудбалски школи Македонија.

Проектот Отворени забавни фудбалски школи веќе 25 години е присутен во Македонија и во соработка со најразлични донатори се организира и во другите градови. Од прокетот се надеваат дека ќе бидат поддржани и од Фудбалската федерација на Македонија бидејки вакви манифестации се потребни во општеството и се надеваат дека ќе се организираат и во иднина.

Преку ваквите манифестации се развива спортскиот и натпреварувачки дух на учениците но основната идеја е и забавниот концепт, додаде Александровски.

Она што е важно не е резултатот, туку аспектот на играта, задоволството кое произлегува од играњео и подобрувањето на нивото на вештините.

