Манастир „Добра вода“ Оризари: Света Литургија и голем црковно народен собир на Источен петок Балаклија
Со Света Литургија и голем собир беше одбележан празникот Источен петок Балаклија на манастирот Добра вода во Оризари.

Првиот петок по Велигден секоја година во овој манастир се собираат голем број верници и се организира голем црковен собир.

Со манастирски ручек се славеше и овој празник посветен на Мајката Божја.

Новите домаќини на манастирот се потрудија и овој пат сите подготовки околу славата да бидат завршени навреме. Убавото време прибра голем број верници.

Се планира реновирање на дворното место на манастирот, како и реновирање на кујната, рече Перо Стаменков, домаќин на манастирот.

-Денеска има неочекувано голем број верници на овој манастир. Секој доаѓа тука да се помоли за здравје. Новиот одбор на манастирот има визија да го реновира манастирот. Приоритет е да се направи бушотина за вода, да се реновира кујната и дворното место на манастирот, рече Перо Стаменков, домаќин на манастирот.

На овој ден Источен петок Балаклија се празнува обновувањето на храмот на Пресвета Богородица во Цариград, наречен Живоносен Извор, поради чудотворниот извор со вода што се наоѓа во него. Си споменуваме и за многуте чуда што се случиле во тој храм на Божјата Мајка, рече отец Орце Захариев, заблагодарувајќи му се на досегашниот домаќин Стефан Смилков кои долги години се грижеше за манастирот.

-Христос воскресна – Навистина воскресна. Сакам да упатам благодарност до Стефан Смилков кој долги години беше домаќин на манастирот и придонесе многу за манастирот, со него и го осветивме. Тој долги години му служеше на Бога преку одржувањето на овој манастир. Со новиот одбор уште повеќе ќе го уредиме манастирот, рече отец Орце Захариев, свештеник во Брегалничката епархија.

За долгогодишната грижа за манастирот одборот на Добра Вода му додели благодарница на Стефан Смилков.
-Јас сакам да се заблагодарам на овие млади луѓе и за нивната посветеност и работа за манастирот, рече Стефан Смилков, долгогодишен домаќин на манастирот.
Инаку, освен на овој ден, на манастирот Добра вода кај Оризари слава има и на втор ден Божиќ кога и на тој ден се собираат голем број верници и се сукаат зелници.
Со празникот посветен на Пресвета Богородица и се оддава признание на Мајката Божја, по што манастирот го носи нејзиното име.
Се верува дека водата во овој манастир е лековита.