Кочани се обедини во чест на загинатите – одигран химанитарниот кошаркарски натпревар
Со едноминутно молчење за почит на починатите во трагедијата во Кочани и со интонирање на Химната на РСМакедонија во изведба на Кристијан Петров, член на кошаркарскиот клуб Баскет Дино во спортската сала “Сашо Лазарев-Чапо”, започна хуманитарниот натпревар во кошарка во организација на КК “Баскет Дино”.

Кошаркарскиот клуб Баскет Дино годинава го одбележува својот 21-ви роденден. Наместо да слави успеси, клубот го дочекува овој јубилеј во знак на жалост и сочувство. Трагичниот настан што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани одзеде 62 животи – меѓу нив и млади кошаркари, пријатели и членови на кошаркарската заедница. Во страшната трагедија Баскет Дино загуби двајца верни членови: Александар Карадаковски и Петар Ивановски, а на лекување се членови и пријатели на кошаркарскиот клуб.

-Во чест на загинатите, во спортската сала „Сашо Лазарев – Чапо“ се собравме сите со една единствена цел – да помогнеме на семејствата на настраданите во трагедијата. Затоа се роди и идејата за организирање на хуманитарен кошаркарски натпревар организиран од КК “Баскет Дино”, кој претставува повеќе од спортски настан – тој е симбол на сплотеност, човечност и длабока почит кон сите изгубени животи, рече Дино Лазарев, организатор на настанот.

На паркетот застанаа поранешни и сегашни кошаркари, обединети преку спортот, љубовта и спомените. Сите средства собрани од продажбата на влезници ќе бидат донирани на семејствата на настраданите, а секој билет е повеќе од влез – порака на сочувство, солидарност и љубов.
Присутен беше и Министерот за спорт Борко Ристовски.
Голубина Георгиева и Моли Манчовска – редовни поддржувачи и љубители на клубот Баскет Дино прочитаа неколку зборови за двајцата членови на Баскет Дино чии животи прерано згаснаа во трагедијата – Александар Карадаковски и Петар Ивановски. До дресот на основачот на Баскет Дино Сашо Лазарев Чапо заслужено беа подигнати нивните дреса.

Натпреварот се одигра помеѓу Сениорите (играчи од пред две генерации) и Младинците (сегашна трета лига).

На натпреврот беа прочитани имињата на сите 62 ца прерано починати млади лица во трагедијата во пожарот како и на возачот на брзата помош Иле Гоцевски кои никогаш нема да ги заборавиме.
Кочананци ја покажаа хуманоста на дело, салата беше преполна со луѓе кои плачеа за време на натпреварот секавајќи се дека се навршија 40 мрачни денови без младите лица кои ни го красеа Кочани. Но, Кочани се обедини во чест на загинатите.


