Собранието не ги почитува ни загинатите ни живите во Кочани!
Скандалозна е изјавата на собранискиот спикер со која се обидува да ја оправда непочитта на настраданите во трагедијата во Кочани и неработата на македонскиот законодавен дом по немилиот настан.
– Наместо да се прекинат лошите практики од минатото, парламентарците во нив наоѓаат изговор за да не организираат комеморација за жртвите на корупцијата. На овој начин се покажува елементарно непочитување и кон загинатите и кон живите луѓе во Кочани. Со ова, првиот меѓу еднаквите народни избраници докажа дека токму тие се показател на општествената летаргија во која е потоната Македонија – реагира Венко Крстевски, в. д. градоначалник на Општина Кочани.
Крстевски смета дека Собранието на РС Македонија со ништо не му помогна на Кочани во најтешките денови и упати повторен повик државните институции да не заборават дека на Кочани му е потребна итна рехабилитација.
