Oсновно образование дооформија 25 возрасни лица од Кочани
Вршителот на должноста градоначалник на Општина Кочани Венко Крстевски и претставници на здружението „Ромалитико“ денеска им доделија свидетелства на 25 возрасни лица од Кочани коишто го дооформија своето основно образование, во рамките на проектот за дообразување на возрасни.

Проектот што го спроведе невладината организација „Ромалитико“ се реализира втора година во Кочани и со износ од 200 илјади денари од лани е влезен во Програмата за социјална, детска и здравствена заштита на Општина Кочани, а со ист износ е и поддршката од „Ромалитико“.

Извршниот директор на „Ромалитико“ Елвис Шакири нагласи дека со комплетирањето на основното образованието овие лица се поконкурентни на пазарот на трудот и можат да обезбедат редовно вработување.

Освен дооформување на основното образование, со овој проект четири лица од Кочани се обучија за инсталатери на фотоволтаични панели и осум лица за негуватели на стари лица.

В. д. градоначалникот Крстевски ја истакна отвореноста на Општина Кочани за реализација на проекти со коишто граѓаните ќе ги подобруваат своите образовни можности со што дадат поголем придонес во локалната заедница.
Од 25-те лица што го дооформија основното образование, 20 се жени, а 5 мажи, а според националната припадност 22 се Роми, а тројца се Македонци.