Завршница на проектот Истражување на јавната вредност на технологијата – случај на дигиталната платформа мЗаедница
Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 и Општина Кочани денеска организираа завршен настан во рамките на проектот „Истражување на јавната вредност на технологијата – случај на дигиталната платформа мЗаедница“.

Во присуство на граѓани, младинци, претставници на јавната администрација и на Институтот за европски политики од Скопје беа презентирани резултатите од спроведениот проект, од унапредувањето на дигиталната писменост во општината и беше презентиран документот за јавна политика.

Претходните месеци со проектот беа реализирани консултации со засегнати страни, сесии со групи граѓани со тешкотии во пристапот кон услугите, а минатата седмица со младинци од Кочани беше реализирана анкета за приоритетите на граѓаните, со која преку дигиталната алатка „мЗаедница“ беа опфатени 1305 испитаници.
– Реализацијата на анкетата поврзана со прашања од јавен интерес од локално значење, во чиј фокус беа мислењата на младите, поттикна младински активизам во технологијата, активизам што за нас е многу важен. Вака разработената алатка за двонасочна комуникација со граѓаните, нам, како Општина, останува да ја користиме максимално. Со „мЗаедница“ имаме проширена понуда на дигитални општински услуги и можност за понатамошно развивање на дигиталната трансформација на Општина Кочани – истакна на настанот секретарот на Општина Кочани Драган Ананиев.

Проектот „Истражување на јавната вредност на технологијата – случај на дигиталната платформа мЗаедница“ влијае не само на зајакнувањето на капацитетите на локалната администрација во понудата на дигитални јавни услуги туку и во употребата на податоци за локално стратешко планирање.
