Александра Миладинова е вешта жена на Кочани за 2025
Александра Миладинова од Кочани со темата „Ружа“ ја воодушеви публиката со својата убаво украсена трпеза покажувајќи ги своите вештини во кулинарството. Собра најмногу гласови од публиката и жирито и се закити со титулата „Вешта жена“ на Кочани за 2025 година. Ќе го претставува градот на републичката манифестација во Тетово што ќе се одржи во мај.

Миладинова на својата трпеза подготви главно јадење и торта, маса која ја отсликува ружата како што е и насловот на темата.

Годинава три натпреварувачки собраа храброст, одвоија време, вложија труд да подготват свечено украсени трпези што на крајот им се исплати.
Според гласовите на жири комисијата кои го сочинуваат жени победнички на општински манифестации од повеќе градови од државата, прво место во категорија „Декорација на главно јадење“ освои Јасминка Ефтимова со темата „Св. Трифун“.

Во категоријата „Декорација на десерт“ најголем број гласови освои Милка Стојменова со темата „Мода“.

Во категоријата „Општ впечаток“ најмногу гласови освои победничката Александра Миладинова.

Сите учеснички добија диплома од „Вешта жена“ и подарок од спонзорите како и цветни аранжмани.

„Вешта жена“ повеќе од 30 години се организира во Кочани, град каде што оваа манифестација секогаш е успешна, вели главната организаторка Снежана Стојановска.

Тортите како и секоја година така и оваа беа на лицитација и се продадоа за задоволителна сума.

За забавата се погрижија Драган и Панче.
На самиот почеток манифестацијата ја отворија членовите на новоформираниот Ансамбл за традиционална музика и игра „Митко Алексов“ од Кочани кои пред присутните гости во преполнетата сала на ресторан „Амор се претставија во најубаво светло.
Посебни признанија добија жени од областа на образование, здравство и бизнис секторот. Од областа на образование и беше доделено признание на проф. Д-р Гордана Панова, од областа на здравство признание и беше доделено на д-р специјалист невролог Кристина Серафимова и од бизинис секторот на Јорданка Арсова.
За присутните жени на манифестацијата имаше и богата лотарија каде што се делеа награди од спонзорите а главната награда годинава е патување со вештите жени на островот Евиа, Грција.