Интерактивна работилница во ЈОУ Библиотека ,,Искра“ по повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик
Интерактивна работилница ,,Мајчин јазик – богатство, наследство и завет за иднината“ организираше ЈОУ Библиотека ,,Искра“ во Кочани во соработка со проф. д-р Марија Соколова и проф. Александар Димитров по повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

На работилницата учествуваа ученици од основните училишта од Кочани, Оризари и Зрновци.

-Денес го прославуваме Меѓународниот ден на мајчиниот јазик кој што е востановен пред 25 години од страна на Обединетите нации и УНЕСКО. Библиотека „Искра“ неколку години наназад го чествува овој ден. Денот на мајчиниот јазик е востановен со цел да се негува мајчиниот јазик и да се даде почит и на другите јазици кои што постојат во светот, тоа се околу 6500 јазици, но на половина им се заканува потполно исчезнување. Мајчиниот јазик е многу битен сегмент од животот на една нација бидејќи тој претставува наш културен идентитет, наше богатство и наша историја, но претставува и поврзување меѓу минатото и иднината. Оваа година го чествуваме денот со креативна работилница во која што се вклучени сите основни училишта од Кочани, Оризари и Зрновци, рече Кристина Горгиевска – Атанасова, директорка на ЈОУБ „Искра“ Кочани.

-Целта на оваа интерактивна работилница е пред се дружба меѓу учениците, афирмација на нашиот македонски јазик. Оваа работилница се организира пред се со забавно-рекреативен карактер меѓутоа и поучен карактер. Се надеваме дека истата ќе побуди интерес кај учениците понатаму и во други денови да има вакви работилници кои што ќе побудат желба кај учениците за навлегување во полето на македонистиката, рече проф. д-р Марија Соколова.

Учениците твореа за мајчиниот јазик и своите литературни творби ги прочитаа пред присутните во библиотеката.

Другите ученици пак ги покажаа своите знаења од областа на мајчиниот јазик и одговараа на поставени прашања како дел од квизот на интерактивната работилница.

Најдобри се покажаа учениците од ООУ „Синиша Стоилов“ од Зрновци.

За покажаните знаења од областа на мајчиниот јазик и за напишаните творби сите учениците и училиштата добија благодарници од организаторите.
