По освоените 10 медали на Државното првенство кик боксерите на клубот „Лидер“ се подготвуваат за Европски куп во Пловдив, Бугарија, се одржуваат тренинзи и во Кочани
Виничкиот кик бокс клуб „Лидер“ од неодамна се прошири и во Кочани. Во него тренираат членови од Кочани, а тренинзите се одржуваат во фитнес центарот „Малена“ под раководство на тренерот Дарко Гоцевски.

Тој истакна дека засега е презадоволен од тоа како функционира клубот, а кик боксери од кочанскиот клуб учествуваа на Државното првенство што се одржа во Скопје и се вратија со медали.

-Клубот „Лидер“ постои веќе 10 години. По долго убедување решивме да отвориме секција и во Кочани каде што работиме веќе 4 месеци. Можам да кажам дека почнавме многу успешно. Учествувавме на Државно првенство на кое освен од Виница учествуваа и кик боксери од секцијата од Кочани и се вратија со второ и трето место, а инаку на самото првенство освоивме пет златни, два сребрени и три бронзени медали. Засега сум задоволен од работата на клубот, само да продолжиме со работа и со успеси и резултати, истакна Дарко Гоцевски, претседател и тренер на кик бокс клуб „Лидер“.

Кик боксерите се подготвуваат за претстојниот турнир кој што спаѓа во европски куп и клубот ќе учествува со двајца натпреварувачи Нина Колева и Лука Змејковски.

-Претходната година освоив први места на Државно и Балканско првенство и второ на Светското првенство во Будимпешта. Инаку, рангиран сум прв во светот во мојата категорија над 81 кг. до 16 години. Сега се подготвувам за Европски куп во Пловдив, Бугарија што ќе се одржи од 20 до 25 февруари и очекувам златен медал, истакна Лука Змејковски, кик боксер во клуб „Лидер“.

Салата на кик бокс клубот „Лидер“ е отворена за сите заинтересирани за овој спорт на возраст од 7 до 77 години и можат да се запишат нови членови.


