Александар Андов реизбран за претседател на ОФС – Кочани
Досегашниот претседател на Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС-Кочани), Александар Андов е реизбран за претседател во нов четиригодишен мандат, на седницата на генералното изборно Собрание на ОФС-Кочани што денеска се одржа во Кочани.

На изборната седница на кочанскиот Општински фудбаски сојуз, Андов како единствен кандидат ја доби едногласната доверба на сите 27 присутни делегати на изборното собрание.

– ОФС-Кочани и во следниот период ќе работи на рамномерна распределба на ресурсите и проектите за сите клубови кои се под наша надлежност. Се надеваме дека како сојуз ќе имаме повеќе застапници на членови во ФФМ, во различни комисии и тела коишто фигурираат во ФФМ. Со тоа нашиот сојуз ќе биде уште посилен и ќе добиваме проекти за инфраструктура, поддршка за клубовите од опрема и членови на репрезентации, стручни штабови, селектори и се надевам дека ОФС- Кочани ќе го подигнеме на уште повисоко ниво од она што е сега. Воедно нашите делегати ќе дадат поддршка на сегашниот и идниот претседател на ФФМ, Масар Омераѓиќ, истакна старо-новиот претседател на ОФС-Кочани, Александар Андов.

На седницата освен избор на претседател на ОФС-Кочани беше избран нов Управен и Надзорен одбор, делегати и заменици делегати во Собранието на Фудбалската федерација на Македонија како и член во Управниот одобр на ФФМ од ОФС-Кочани.

За членови на новиот Управен одбор на ОФС-Кочани беа избрани, Александар Андов, Оливер Јовановски, Владо Андов, Марјан Јангеловски, Ангелчо Гошев, Гоце Димитров и Драган Јошевски. Во Надзорниот одбор беа избрани, Сашко Ангелов, Митко Бојаџиев и Ристе Лазаров. За делегати во Собранието на ФФМ од ОФС-Кочани беа избрани Александар Андов, Оливер Јовановски и Марјан Јангеловски, додека за нивни заменици, Вадо Андов, Сашко Ангелов и Столе Тошев. За член на Управниот одбор на ФФМ од ОФС-Кочани беше избран Александар Андов.

Меѓудругото, делегатите го усвоија финансискиот извештај и извештајот за работа на ОФС-Кочани, како и предлогот за поддршка на Масар Омераѓиќ за претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). На седницата присуствуваа и тројца претставници на ФФМ.
