Водици во Кочани: Честниот крст во рацете на 38 годишниот Горан Зашов
38-годишниот Горан Зашов од Кочани успеа меѓу 40-те пријавени момчиња прв да стигне до крстот во водите на кочанска река, по повод празникот Богојавление-Водици.

Тој има скокано повеќе пати, а во 2022 година за прв пат го има фатено крстот.

Најсреќниот Зашов ќе ги посети сите семејства во градот, кои ќе го даруваат крстот со пари за здравје и среќа.

Тој пред присутните кај мостот во Паркот на Револуцијата ја даде и христијанската изјава, и посака Бог да му дари многу здравје и среќа на него и неговите блиски.

Пред одржување на чинот на потопување на честниот крст во храмот „Св. Вмч Ѓорги“ се одржа Света Божествена литургија по што со свечена литија верниците и свештениците се упатија кон мостот во паркот, каде се потопуваше крстот.

Успешно помина и лицитацијата на иконите и крстот а оние кои што ги купија иконите ќе ги чуваат во своите домови 40 дена за здравје, по што ќе бидат вратени во црквата.

Инаку, верскиот празник Водици во Кочани е еден од најмасовните црковно – верски манифестации.

Тоа беше потврдено и годинава кога покрај кејот на кочанска река присуствуваа голем број верници.
