„Добра вода“ во Оризари – Голем црковен собир на манастирот на вториот ден од Божиќ
Голем црковно народен собир се организираше на манастирот Добра вода во Оризари на втор ден Божиќ кога се одбележува празникот Собор на Пресвета Богородица.

Собирот на овој убав ден прерасна во традиција. Домаќинките сукаа зелници, а се кршеше и лепче со паричка.

Кумот на собирот го предава кумството на нов кум, а свештеникот ја освети водата, го благослови лебот, виното и пченицата и им посака среќно Ново 2025 – то лето Господово на сите верници.


Славењето на Христовото раѓање започна со Света Литургија која што се одржа во манастирот во утринските часови.




Стариот кум Горан Коцев го предаде кумството на новата кума Ели Димитрова.
Без греана ракија и добра музика не помина и овој собир.
Најголемата пречка за црковниот собир да биде уште помасовен досега беше тешко пристапниот пат до манастирот.
Откако е асфалтиран, голем број верници доаѓаат на манастирот, се молат на Бога за здравје и полнат вода од лековитиот извор кај црквата.
Манастирот од неодамна е реновиран и со нови фрески. Следува изградба на кујна, а се планира и изградба на конаци.
Инаку, на манастирот „Добра вода“ освен на вториот ден Божиќ, секоја година се слави и на првиот петок по Велигден или кај народот познат како Источен петок – Балаклија кога се празнува со црковно народен собир. Се верува дека водата во овој манастир е лековита.