Бадникова поворка низ кочанските улици, коледарчињата го најавија Христовото раѓање
Со Божиќната песна „Вечниот Бог“ околу 200 дечиња денеска на ден пред големиот Христијански празник Божиќ, го најавија Христовото раѓање.

Бадниковата поворка тргна од православниот храм „Св. Вмч. Ѓорѓи“ и продолжи низ кочанските улици каде што малите бадникарчиња ги поздравија голем број граѓани.



-Како и претходните години така и оваа се организираат веќе познатите бадникови поворки кои се востановени во чест на големиот празник Рождеството Христово Божиќ. Имено дечињата одат низ улиците во градот и ја соопштуваат веста дека утре Христос ќе се роди. За разлика од претходните години, оваа година навистина беше голема посетеноста и многу деца со голема радост зедоа учество во поворката пеејќи ја Вечниот Бог. Беа примени од градоначалникот Папазов, а поворката која се движеше од храмот до зградата на општината заврши во градскиот парк, рече Димитар Арсовски, свештеник во храмот Св. Вмч. Ѓорѓи.

Децата, пристигнаа пред зградата на Општина Кочани каде што ги пречека градоначалникот Љупчо Папазов и им подари коледарски пакетчиња честитајќи им го големиот христијански празник Рождество Христово – Божиќ.

Инаку, свештеникот Арсовски го истакна и распоредот на литургиите за Христовото раѓање.


-Утре со почеток во 8:00 часот ќе има Света Божествена Литургија во Храмот Св. Вмч. Ѓорѓи, додека вечерва со почеток во 23:00 часот ќе има сеноќно бдение во манастирот Св. Пантелејмон во село Пантелеј. На 8 Јануари по традиција е најавено на Светата Божествена Литургија да чиноначалствува Владиката Иларион, а на 9 Јануари кога го чествуваме Св. Стефан исто така ќе има Света Литургија со што го завршуваме овој циклус на божиќни празнувања, додаде отец Арсовски.