Со рачно зажнејување на ориз со срп и вршење на гумно во населбата Оризари почна овогодишната жетва на оризот
Со рачно зажнејување на ориз со срп и вршење на гумно во населбата Оризари почна овогодишната жетва на оризот, во рамки на 33. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз 2024“.

Првиот сноп го ожнеаја жетварската убавица и нејзините две придружнички, поддржани од членовите на Здружението на пензионери од Кочани.

На настанот во Оризари присуствуваа голем број делегации од државата и странство, а Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на оризопроизводителите им посака успешна жетва, богат род и квалитетен ориз.

-Ние како министерство ја поддржуваме и оваа манифестација, со цел да ја продолжиме традицијата и да го афирмираме постоењето на оваа житна култура за нас како држава. Се надевам дека ќе имаме добра жетва и квалитетен ориз од реколтата 2024. Од разговорите со земјоделците и првичните информации говорат дека ќе имаме зголемен род и богата жетва, а согласно тоа и квалитетот ќе биде добар, истака Трипуновски.

Годинава признието „Најуспешен земјоделец“ им припадна на жителите на Оризари, Сашко Трајчев и Сашко Стојанов при што градоначалникот Љупчо Папазов им ги додели паричните ваучери.

-Оваа награда е една мотивација за младите и понатаму да продолжиме да се занимаваме со оризопроизводството. Приносите се добри, но ќе видеме каква ќе биде цената, рече Сашко Стојанов.

-Оваа награда ќе ми биде дополнителен стимул за понатаму повеќе да работам со оризопроизводството. Во Оризари приносот е добар и се движи од 700 до 800 килограми по декар, додаде Сашко Трајчев.

Во рамки на културно-забавниот дел настапи орекестарот на народни инструменти при музичкото училиште „Ристо Јуруков“, Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов”, оркестар „Мелем“, а концерт одржа и фолк пејачот Дамјан Стојаноски.

Гостите имаа можност да уживаат во изложбените традиционални ракотворби и традиционална храна подготвена од страна на вредните домаќинките од Оризари.