Со изложбата на дела „Архитектура“ Училиштето за цртање и сликање при ЦК „Бели Мугри“ одбележа 10 години постоење
Училиштето за цртање и сликање при НУЦК „Бели Мугри“ – Кочани вечерва во Кочани ја одбележа 10 годишнината од своето постоење.
Во салонот Фоаје 1 на Центарот за култура, по тој повод беше отворена изложбата на дела со наслов „Архитектура“ на учениците од училиштето за цртање и сликање.


-Можеме со гордост да кажеме дека во изминатава декада се работеше напорно и низ годините, учениците генерациски се менуваа и напредуваа, а дел од нив веќе професионално се реализираа во ликовната уметност што е голем доказ за успешноста работа на училиштето. Со денешната изложба ја одбележуваме десет годишнината, преку дела работени изминатите три месеци од страна на талентираните ученици кои создадоа лепеза од прекрасни и успешни цртежи на тема архитектура – истакна М-р Александра Димитрова, стручен соработник за визуелни уметности, архитектура и дизајн.

На изложбата беа претставени 31 уметничко дело во молив – техника на тема „Архитектура“ работени по повод 10 годишниот јубилеј.

Училиштето за цртање и сликање при НУЦК „Бели Мугри“ започна со работа во 2012 година и веќе десет години претставува расадник на таленти во ликовната дејност.

Изложбата се реализираше со финансиска поддршка на Министерството за култура.