Кочанската болница го одбележа Светскиот ден на здравјето – доделени благодарници на здравствени работници и општествено одговорни компании
Под мотото „Мое здравје, мое право“, ЈОУ Општа болница со проширена дејност Кочани на свечен прием го одбележа 7 Април, Светскиот ден на здравјето.

По тој повод, во болничката библиотека денес беше организиран свечен прием на кој на пензионираните здравствени работници во минатата година им беа врачени благодарници.

– Честитајки го Светскиот ден на здравјето, им се заблагодаруваме на сите здравствени работници како едни од најнеопходните алки во општеството, да продолжат да работат етички и професионално и да се грижат за своите пациенти како да се нивни најблиски. Во изминатиов период, кочанската болница реализираше 80 нови вработувања, а испратени се и 16 доктори на специјализација. Нивно враќање се очекува до крајот на календарската година и почетокот на следната со што ќе се доекипираат нашите оддели во болницата, истакна Душанка Горгиева Трпевски, в.д директорка на кочанската општа болница.

Признание беше доделено и на Тони Глигоров како најдобар крводарител како и на претставници на општествено одговорни компании кои донирале и дале свој придонес во развојот на установата.




