Успешна реализација на активности од програмата Еразмус + во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани
Во периодот од 22 – 24 март 2024 година СОУ „Љупчо Сантов“ беше домаќин на 22 ученици, 14 наставници и директорот од СУ „ Петко Рачов Славеиков“ од општина Карџали, Р Бугарија.

Гостувањето беше дел од активностите во рамките на проектот Еразмус + „ Lead the success“ кој го реализираат двете училишта во партнерство со Здружение „Черноморски институт“ – Бургас.

На 22 март учениците и наставниците од Бугарија се придружија на учениците и вработените од СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани во одбележувањето на патрониот празник на училиштето присуствувајќи на културно – уметничката програма во Центар за култура „Бели мугри“ – Кочани која беше подготвена од страна на наставници и ученици од СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Во наредните два дена активностите се реализираа во училиштето СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани, каде беа реализирани серија работилници со две работни групи составени од ученици од двете училишта, партнери во проектот.

Основните теми за време на работилниците беа „Карактеристики на успешниот лидер“, „Лидер наспроти менаџер“, „Има ли роден лидер“, „Презентација на успешни практики“.

Работилниците се реализираа во пријатна работна атмосфера со ставање на акцент на активирање на сите ученици и взаемна соработка.
Гостите од Бугарија за посетата на училиштето ја искористија и за разгледување на истото и запознавање со сите активности кои ги реализираат наставниците и учениците.
Слободното време беше искористено за разгледување на градот, како и заедничка дружба помеѓу учениците и наставниците од двете училишта, што придонесе за зацврстување на врската помеѓу двете училишта и уште повеќе го зајакна веќе започнатото пријателство.