Со донаторска претстава и едукативно предавање Ротари клубот „Кочани – Виница“ ја подига свеста за зачувување на машкото здравје
Ротари клубот „Кочани – Виница“ го одбележа Мовембер – Месецот на машкото здравје. За таа цел во Мултикултурниот центар во Кочани организираше хуманитарен настан, со едукативно предавање за менталното здравје и донаторска претстава.

Пред публиката во Кочани беше прикажана театарската претстава ЈЗУ „Европа“ во изведба на Штипскиот театар и актерите Елена Шорова Дербов, Владимир Тулиев и Миле Вратеовски, а во режија на Кристина Атанасова Арсова.


-Ротари клубот „Кочани – Виница“ секоја година го одбележува Ноември – месец на машкото здравје или популарно Мовембер. Годинава во соработка со Општина Кочани организиравме театарска претстава. Ја имаме честа да ни гостува театарот од Штип со комедијата ЈЗУ „Европа“. Настанот е надограден со предавање за менталното здравје од Д-р Дарко Иванов. Целта е да го разбиеме митот за менталното здравје бидејќи мажите ретко признаваат кога имаат проблеми, рече Сашко Андонов, претседател на Ротари клуб „Кочани – Виница“.

Во рамки на настанот беше одржано и едукативно предавање од страна на д-р Дарко Иванов, психијатар од Центарот за ментално здравје – Кочани.

-Во последниот период бележиме пораст на лица со ментални заболувања. Поради ова апелираме до машката популација навремено да побараат стручна помош кај стручни лица бидејќи подобро е да се превенира отколку да се лекува. Поголема храброст да се јават на лекар имаат помладите лица, додека повозрасните касно доаѓаат да бараат помош. Статистиката вели дека зголемен е бројот на суициди, како резултат на депресијата и анксиозните растројства. Причините за зголемениот број на нервни растројства ги гледаме и во пандемијата од ковид 19 која доста влијаеше кај двата пола, истакна д-р Дарко Иванов, доктор психијатар.



Влезницата за претставата чинеше 250 денари, а собраните средства ќе бидат донирани.