По повод св. Трифун и Св. Валентин во МКЦ се одржа настанот „Виното – поезија во шише“ , промовирана книгата „Враќање кон себе“ на Марија Дончева
На денот на виното и љубовта, 14. Февруари, во МКЦ во Кочани во организација на Библиотеката „Искра“ се одржа настанот „Виното – поезија во шише“ во кој свое поетско претставување пред публиката имаше м-р Марија Дончева. Беше промовирана и нејзината четврта збирка поезија „Враќање кон себе”.

Стихови од книгата интерпретираше Кристина Атанасова Арсова, а промотор беше м-р Љупка Стојменова. Содржината ја збогати Бојан Тодоровски, презентирајќи свои, но и стихови од неговиот татко, почитуваниот Гане Тодоровски.


Марија Дончева е уметник во вистинска смисла на зборот. Нејзе не и е позната само книжевноста, таа е одличен ликовен уметник, фотограф, изработувач на накит. Секоја од овие уметности ги созздава со ист жар и љубов, не издвојувајќи ниедна посебно, а со голема посветеност ги негува подеднакво сите.

Книгата „Враќање кон себе“ е четврто литературно дело на Марија Дончева. Ако во својата прва книга „Душа на дланка“ таа буквално го разголи својот сензибилитет, во втората книга „Отпуштање“ преку зборот го прикажува вечниот антагонизам – борбата на доброто и злото, но и борбата на внатрешното (лирското) ЈАС со стереотипите околу себе. Третата книга со наслов „Бакната“ е метафора за жената бакната, вдахновена од Бога, додека нејзиното најново дело е заокружување на сето нејзино досегашно творештво преку враќањето кон себе.

Присутните љубители на пишаниот збор имаа можност да земат примерок од книгата за да уживаат во стиховите напишани со голема љубов и посветеност од страна на авторката Дончева.


