Годишно собрание на членовите на Планинарскиот спортски клуб „Осогово“ Кочани
Годишно собрание одржа раководството и членовите на Планинарскиот спортски клуб „Осогово“ од Кочани. Присуствуваа голем број активни членови на клубот кои дале голем придонес во него и учествувале во голем број планинарски акции. На собранието беа доделени благодарници членовите на клубот кои постигнале значајни резултати во изминатата година, а беа истакнати и бројните успеси и искачувања во изминатата 2023 година. Членовите беа информирани и за планираните активности за тековната година.

-Изминатата година за нас беше доста успешна година заради што и го добивме признанието од Општина Кочани и новинарите за најдобар спортски клуб на Кочани за 2023 година. За минатата година ќе го истакнам учеството во Меѓународната експедиција во Киргистан на Хималаите со искачување на врвовите Јухин 5130 мнв, Еделвеис 4805 мнв и Разделнаја 6148 мнв. Искачување на Алпите на врвовите Зумштајншпиц во Швајцарија 4563 мнв, Гран Парадисо 4061 – највисок врв во Италија. Имаме искачено и еден од најтешките врвови во Словенија. Утре наш член испраќаме на големо достигнување на искачување на највисокиот врв во Америка околу 6900 мнв. Му посакуваме добар лет, добро време и жив и здрав да ни се врати со позитивни резултати. Секоја година зачленуваме нови членови кои сакаат да планинарат, а само денеска на ова годишно собрание имаме нови 15 членови во клубот. Со нив броиме над 100 членови. Во 2024 година се надевам дека ќе постигнеме уште поголеми признанија, а за прв пат во историјата на државата ќе го организираме најголемиот собир по повод Светскиот ден на планината што ќе се одржи на Пониква на Осоговските планини, истакна Тошо Антов, претседател на ПСК „Осогово“ Кочани.

На собранието беа истакнати благодетите од планинарењето, а заклучокот е дека планинарењето полека, но сигурно, станува нов начин на живот и еден од поатрактивните спортови во државата.

По завршување на официјалниот дел планинарите наздравија за успешна 2024 година и си посакаа големи успеси и искачувања во тековната година.




