Борачите на БК „Спартак“ подготвени за Државното првенство в сабота, очекуваат добри борби и медали
Борачите на БК „Спартак“ се подготвени за Државното првенство во борење за сениори што ќе се одржи в сабота на 27 јануари во 11 часот, чиј домаќин е БК „Спартак“ од Кочани. Првенството ќе се одржи во Спортската сала Сашо Лазаров Чапо, а БК „Спартак“ ќе настапи со 14 борачи: Зоран Митев, Дамјан Крстов и Драган Глигоров до 57кг., Благоја Тасески и Стефан Штерјов до 61кг., Ефтим Стоименов до 65кг., Александар Павлев до 70кг., Расул Шапиев и Филип Ѓорѓиев до 74кг., Петар Иванов и Андреј Петков до 86кг. Леон Трајанов и Стефан Миладинов до 92кг. и Горан Терзиски до 97кг. Право на учество на ова првенство имаат борачи -родени од 2005 година и постари.


-И минатата година година БК „Спартак“ беше домаќин на вакво првенство и Боречката федерација на Македонија забележа дека сме добри домаќини и затоа ни ја даде довербата годинава да бидеме организатори на едно вакво големо првенство. Сакам да нагласам дека 2024 година е олимписка година и првенството ќе биде доста интересно бидејќи секој сака да освои прво место да учествува на Европско првенство и да фати норма за учество на олимписки игри. БК „Спартак“ од Кочани пред две години беше во згаснување. Сега последните две години со раководството успеавме да го вратиме БК „Спартак“ како што беше минатите години, затоа очекува добри борби и неколку медали и добра организација. Нашиот борач Расул Шапиев вчера беше прогласен за спортист на Кочани за 2023 година, од него очекуваме прво место на ова државно првенство, истакна за сито.мк Гоце Ангелов, секретар на БК „Спартак“.

-Клубот има големи амбиции, две години работиме со децата и морам да кажам дека позитивно сум изненаден од брзиот напредок кај децата и мислам дека заедно со целото раководство и со целиот тим можеме да постигнеме солидни резултати. Сега за државното првенство од помладите борачи од 17 и 18 години очекуваме да прикажат добри борби, а ако освојат и медал тоа ќе биде уште поголем успех. Имаме и искусен борач како што е Расул Шапиев, се знае дека од него очекуваме медал, но имаме и други борачи како што се Леон Трајанов, Дамјан Крстов и Стефан Штерјов од кои очекуваме добар пласман. Инаку за два месеци имаме државно првенство за пионери на кое ќе учествуваат помладите борачи од кои очекуваме златни медали, истакна Иван Јанев, тренер на БК „Спартак“.

На Државното првенство во сабота ќе настапат екипите: БК „Лирија“ од Скопје, БК „Бучим“ од Радовиш, БК „Балканец“ од Штип, БК „Неготино“, БК „Борец“ од Велес, БК „Аждер“ од Охрид, БК „Студеничани“, БК „Конче“ Радовиш и БК „Шкупи“ од Скопје.



