Натпревари во планинско трчање и брзо одење со стапчиња во организација на КПС „Осоговски Орел“ за прв пат во Кочани
Прв натпревар во одење со планинарски стапчиња и планинско трчање „Nebojani Trail“ 2024 се одржа во неделата на падините на Осоговските Планини во организација на Клубот за планинарски спортови „Осоговски Орел“ – Кочани.

На двете трки учествуваа над 80-тина учесници кои трчеа и пешачеа во зимски услови и на ниски температури.

Стартот на трката беше кај месноста Крушка, на кружна патека во должина од 19,5 километри во правец на селата Ново Село и Небојани и назад. Висинската разлика изнесуваше 900 метри и притоа натпреварувачите поминуваа стрмни угорнини и надолнини по обележана патека.

На трката учествуваа 31 натпреварувач од Македонија. Првото место во машка конкуренција го освои Златко Николов, кој патеката ја помина за 1 час и 44 минути, пред Никола Павлов и Срџан Милошевскио кои заостануваа пред него, две, односно три минути.

Во женска конкуренција најбрза беше Марија Пеликон која истрча за 2 часа и 9 минути, второпласирана беше Валентина Узунова со 2 часа и 24 минути и треттото место и припадна на Валентина Павловска која патеката ја помина за 2 часа и 31 минута.

Најмлад натпреварувач на трката беше 17-годишната Марта Ивановска, а највозрасен учесник Бале Брзи. За нив, како и за најдобрите на трката организаторот обезбеди награди и признанија.

Трката со брзо одење со планинарски стапчиња се реализираше на истата маршута и имаше ревијален карактер. На неа учество зедоа 52 учесници во машка и женска конкуренција кои успешно ја завршија и им беа доделени признанија.

Во рамки на настанот имаше организирана забава со диџеј, ручек и освежителни пијалоци за учесниците. Трките беа поддржани од бизнис секторот од Кочани и регионот и Општина Кочани за што од КПС „Осоговски Орел“ упатија благодарност.
