Кочанскиот шаховски клуб доби нови простории
Шаховскиот клуб „Кочани“ доби нов простор каде младите шахисти од општината ќе може да се дружат и да ја учат шаховската игра од повозрасните и поискусни шахисти.

Новите простории се лоцирани во зградата Блок А во Трговскиот центар во Кочани, во првиот влез и на првиот кат и ќе бидат отворени секое попладне од денот.

– Целта на Шаховскиот клуб Кочани е преку обезбедување на подобри услови за шахистите да го реафирмираме шахот во општината, имајки предвид дека Кочани своевремено беше еден од носечките градови во државата во шаховската игра. Новите простории се дадени на користење од Локалната самоуправа на Кочани која ќе ги подмирува и режиските трошоци и ќе бидат на располагање на младите шахисти и секако на повозрасните мајстори во шахот. Шаховскиот клуб Кочани има нови раководни структури и во нивната програма за работа е зацртана целосна реорганизација на шаховскиот клуб и подобрување на условите за функционирање со цел да се произведуваат млади надежни шахисти, истакна Благој Ситновски, претседател на Шаховскиот клуб „Кочани“.
Шаховските простории се опремени со шаховски табли и часовници како и останат потребен инвентар за нормално функционирање, обезбеден како донации од општествено одговорни компании од општината. Членството во шаховскиот клуб е бесплатно за сите лица.
Една од целите на шаховскиот клуб ќе биде формирање на младински шаховски секции во училиштата за шаховската игра да биде поблиску до младите лица од општината заради привлекување на нови шахисти и запознавање со овој вид спорт.
