На 14. Јануари црковен собир и Света Василева Литургија на манастирот Св. Василиј Велики на Пониква
Со црковно народен собир и Света Василева Литургија и годинава ќе биде одбележан празникот посветен на Св. Василиј Велики на истоимениот манастир на Пониква и почетокот на православната Нова Година. Од кочанскиот храм Св. Вмч. Ѓеорѓи во Кочани истакнуваат дека празнувањето започнува рано изутрина во 9 часот со Света Литургија со која и годинава ќе чиноначалствува Митрополитот Брегалнички Иларион, во сослужение со свештеници од Брегалничката епархија. Владиката како и секоја година ќе го освети и славскиот колач. Кумот од оваа година ќе го предаде кумството на друг за следната година.
Манастирот „Свети Василиј Велики“ на Пониква на надморска височина од 1.650 метри секоја година собира голем број верници на манастирска слава и народен собор по повод празникот посветен на светителот.
На собирот освен од Кочани доаѓаат и луѓе и од други краеви на Македонија да му оддадат почит на светителот. По Литургијата се служи и манастирски ручек. Засега не е најавен организиран превоз за манастирот.