Бадникова поворка низ кочанските улици, коледарчињата го најавија Христовото раѓање
Со Божиќната песна „Вечниот Бог“ над 200 дечиња денеска на ден пред големиот Христијански празник Божиќ, го најавија Христовото раѓање. Бадниковата поворка која што се организира секоја година, тргна од православниот храм „Св. Вмч. Ѓорѓи“ и продолжи низ кочанските улици каде што малите бадникарчиња ги поздравија голем број граѓани.

-Продолжуваме со убавата традиција, односно тоа се Бадниковите поворки каде дечињата со ѕвездички во рака пеејќи достоинствени христијански песни, дефилираат низ улиците во Кочани и ја соопштуваат веста за Христовото Рождество. Има повеќе од двесте деца кои се пријавени регуларно, а дополнително учествуваа и други, истакна Димитар Арсовски, свештеник од Храмот „Св. Вмч. Георгиј“.

Потоа бадникарчињата пристигнаа пред зградата на Општина Кочани каде што ги пречека градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, кој им подари коледарски пакетчиња честитајќи им го големиот христијански празник Рождество Христово – Божиќ. Дечињата потоа стигнаа до Паркот на Револуцијата каде ја завршија литијата.



