Кочанската општа болница набави ново амбулантно возило
ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани денеска набави ново амбулантно возило во возниот парк наменето за превоз на пациенти што ќе биде на располагање на Итната медицинска помош во Кочани.
Станува збор за возило марка „Пежо Боксер“ кое е опремено со стандардна медицинска опрема за интервенција и превоз на пациенти, ротација и обележување, обезбедено од сопствени средства на кочанската општа болница.

– По една деценија ЈЗУ Општа болница Кочани обезбеди ново амбулантно возило за потребите на пациентите во општината и регионот. Со ова драстично се подобрува состојбата на возниот парк во служба на пациентите. Возилото е обезбедено од сопствени средства на институцијата. Како здравствена институција продолжуваме да се стремиме да обезбедиме подобри услови за работа на медицинскиот персонал и задоволување на потребите на пациентите, истакна Душанка Горгиева Трпевски, в.д директор на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани.

Новото амбуланто возило ќе обезбеди поголема мобилност на медицинските екипи, достапност на граѓаните и ќе биде од корист во извршувањето на медицинските услуги на населението.
Од ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани најавија дека во следната година веќе се планирани нови проекти, реновирање и опремување на простории, нова медицинска опрема како и проширување на тимот со нови кадри.
