Светски ден за борба против дијабетесот, Во Кочани одржани предавања за превенција и рано откривање
Околу 100 тина нови дијабетичари се откриваат годишно во Кочани. Половина од нив се со инсулинска терапија. Бројката на дијабетичари постојано е во пораст. За жал расте бројката и на деца со дијабетес. Во делот на превенцијата Здружението на дијабетичари од Кочани организираше предавање наменето за наставниот кадар во основните и средните училишта во Кочани и градинките на тема „Превенција и рано откривање на дијабетесот“ .

-Бројката на деца со дијабет ТИП 1 расте во Македонија, за жал многу прогресивно и над очекувањата на Меѓународната федерација за дијабетес. Затоа почнавме со едукативни предавања на повеќе места со воспитно образовниот кадар во основните и средните училишта и градинките кои што работат со тие деца, со цел да ги запознаеме што е дијабетесот, како се постапува во одредени ситуации и што треба да се прави со тоа дете, бидејќи тие деца се нормални како другите само треба малку повеќе внимание кога имаат проблем со шеќерот, истакна Димче Велев, претседател на Сојуз на дијабетичари на Р.С Македонија.

-И во Кочани како и во целиот свет состојбата со дијабетесот не е на завидно ниво. Постојано растат бројките на лица со дијабетес. За жал се зголемува и бројката на деца со дијабетес, од претшколска возраст и деца со дијабет во основни и средни училишта. Од тие причини и поради одбележување на Светскиот ден на дијабетесот 14 ноември организираме предавања во кои ги вклучуваме и дел од наставниот кадар во училиштата. Целта ни е да покажеме како да се однесуваат со овие деца и како навреме да се препознаат симптомите, како и на децата да го олесниме образовниот процес, рече Јордан Синадинов, претседател на Здружение на дијабетичари Кочани.

Инаку, според статистиката 12 отсто од возрасните во Македонија имаат дијабетес. 14 ноември се одбележува како Светски ден за борба против дијабетесот чија цел е да се подигне јавната свест за болеста и да се преземат мерки за превенција и подобро справување со неа.