Отворена ротари вечер организираше Ротари клубот Кочани–Виница
Отворена вечер со ротари членовите и бизнис секторот организираше Ротари клубот Кочани-Виница во хотелот „Сити ин” во Кочани.

Вечерта ја отвори претседателот на клубот Зафир Наков, а за историјатот на Ротари зборуваше минатогодишниот претседател Сашко Андонов. На вечерта беше претставена мисијата и визијата на ротаријанците, а целта е и придобивање на нови членови.

-Веќе втора година го одржуваме овој настан „Отворено со граѓаните“. Овој пат нашето внимание го посветуваме на деловната заедница, луѓето кои придонесуваат во заедницата и кои имаат деловни компании. Сакаме да ги запознаеме со активностите на Ротари клубот Кочани-Виница за да превземеме чекори во заедничка одговорност за делување во нашите проекти, активности, иницијативи. Резултатите од првата година беа успешни, се доближивме до граѓаните и ги запознавме со нашите проекти и активности, а сега со оваа средба сакаме да им се заблагодариме на нашите соработници. Меѓу другото наша цел е да го прошириме ротаријанството во служба на заедницата, истака Зафир Наков, претседател на Ротари клубот Кочани-Виница.

На отворената вечер беа претставени и досегашните реализирани проекти и донации во областа на образованието, здравството, а предавање одржа членот на Ротари Глигор Цветанов, извршен директор на „Макпрогрес” од Виница на тема Меѓугенерациска транзиција на компаниите. Ротари клубот додели и благодарници на бизнис соработниците.




