Денови на медот во Кочани – манифестации за подигнување на свеста кај граѓаните за поголема употреба на медот
Паралелно со одржување на панаѓурот во Кочани секоја година се организира и манифестацијата „Денови на медот“. Саемот на мед кој што има за цел да го промовира медот и пчелните производи и годинава се одржа под мотото „Користи го медот како храна, а не како лек“. Излагачи на мед годинава посветуваат внимание на едукацијата на граѓаните каков е вистинскиот мед, а како да го препознаат фалсификуваниот и додаваат дека инспекциите повеќе треба да поработат на откривање на фалсификуваниот мед, кој од друга страна претставува нелојална конкуренција на пчеларите.

-Денес, го отвораме нашиот саем на пчеларството, кај што изложивме мед и пчелни производи. Пчеларски здруженија има од Кочани, Битола, Штип, Виница, Пехчево, Пробиштип и Куманово. Проблем оваа сезона беше појавата на крлежот, која правеше штети, но со навремено реагирање на пчеларите се изборивме успешно, истакна Борче Атанасов, претседател на Здружението „Матица“ од Кочани.

На годинешниов саем на мед има и пчелари кои што произведуваат органски мед, односно практикуваат органско пчеларење, но и такви што продаваа пчеларска опрема. Велат младите се интересираат за пчеларење.

-Во Кочани и Битола оваа манифестација се одржува 26 години по ред и се надевам и сум сигурен оваа традиција ќе трае уште долго. Оставаме аманет овие манифестации да траат уште многу години. За следната година се договоривме да формираме Европски пчеларски сојуз со цел да бидеме поблизу до Брисел и до ЕУ и до финансиските средства. Ние во нашата држава добиваме и сувбенции за кои сме благодарни многу и се во висина од околу 10.000 евра. Овие години наназад со климатските промени ни се случуваат многу проблеми и немаме многу големи приноси, но работиме со љубов, истакна Менде Трајковски, претседател на Сојузот на здруженијата на пчелари на Македонија.

-Како долгогодишни соработници со пчеларите, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку своите програми ги поддржува овие манифестации кои се од локален карактер, а целта е да се развие свеста кај луѓето за значењето на пчелите. Исто така министерството ги подржува пчеларите преку други различни програми и мерки, рече Горанчо Миладинов, раководител на ПЕ на МЗШВ.

Со ваквите саеми се подига свеста кај граѓаните за консумирање на мед и пчелните производи бидејќи Македонија се наоѓа на последно место од земјите по употребата на медот.

Манифестацијата беше збогатена со културно уметничка програма на која со свои точки се претставија учениците од ОУ „Раде Кратовче“ , ОМУ „Ристо Јуруков“ и фолклористите од КУД „Руен“.

Членовите на Училишниот младински клуб од ОУ „Раде Кратовче“ учествуваа во работилницата чија цел беше изработка на ракотворби преку чија продажба ќе се помогне на ученик од ова училиште и заедно ќе покажат колку се хумани да помогнат и да ги направат поубави детските дни.

ПЗ „Матица“ додели плакета за посебен придонес за развој на здружението на пчеларот Николчо Данилов – член на ПЗ „Матица“ со најдолг стаж во здружението.