Првачињата од Кочани свечено примени во Детската организација – ја дадоа својата заклетва
Вложувањето во децата е вложување во иднината – ова е чест слоган на Обединетите Нации, кој се однесува на детската популација. Сите деца имаат право да живеат во демократско и хумано општество, во кое постојат услови младите од сите возрасти, па и оние најмалите, добро да се подготват за предизвиците и промените со кои ќе се судрат во утрешнината која доаѓа. Деновиве, кога со низа активности се одбележува Светската недела на детето, не смее да се заборави дека училиштето е нивниот втор дом. Патот до успехот е безусловно зависен и од квалитетното школување беше речено на манифестацијата што по повод Приемот на децата во детската организација се одржа пред ЦК „Бели Мугри“.

Првачињата ги научија своите права, а ја дадоа и заклетвата со која се обврзаа дека ќе учат вредно и ќе бидат добри и послушни ученици. Меѓу нив играа и ликовите од цртаните филмови.
Сите првачиња ги поздрави градоначалникот Љупчо Папазов.

-Вашите насмевки и вашите реакции со јунаците од цртаните филмови зборуваат се, зборуваат за денешниот настан. Неделата на детето се одбележува под мотото „Јас и светот околу мене“. Вие го вртите светот особено во нашиот град. Треба сите да бидеме свртени, посветени кон вас, да се грижиме за вашите потреби и барања. Да создаваме услови за успешно образование, за среќно детство и за прераснување во наши успешни сограѓани, рече градоначалникот на Oпштина Кочани Љупчо Папазов.



Повозрасните другарчиња, учениците од основните кочански училишта, за нив подготвија приредба, а возрасните ветија дека ќе ги почитуваат правата на децата затоа што само на тој начин може да се очекуваат здрави и среќни деца.

Активноста беше дел од Неделата на детето што традиционално се прославува секоја прва недела од октомври.

