Во ЦК „Бели Мугри“ отворена Меѓународната Лесновска ликовна колонија 2023
Во ЦК „Бели Мугри“ беше отворена изложба на дела од Меѓународната Лесновска ликовна колонија 2023. Претставени се околу 30 уметнички творби работени во различни ликовни техники. Покровител на изложбата е Општина Пробиштип, а домаќин и организатор на колонијата е Домот на култура „Злетовски рудар“ од Пробиштип.

-Лесновската ликовна колонија годинава го доживеа своето 31 издание и слободно ќе кажам дека е една од најпрестижните и најреномираните колонии во нашата држава, пред се поради имињата на уметниците кои учествуваат и по квалитетот на уметничките дела кои што тие ги оставаат. Уметниците својата инспирација за ликовно изразување ја црпат од преубавиот Лесновски манастир и од селото Лесново кое е многу живописно. На годинешново издание учествуваа 17 уметници од нашата држава, од Бугарија, Србија и Данска и оставија вкупно 32 дела кои што ги работеа во техники акрил на платно, спреј на платно и масло на платно, а двајца уметници работеа дрворез ,истакна Сандра Мијалковска, директорка на ДК „Злетовски рудар“ Пробиштип.

Лесновската ликовна колонија почетоците ги бележи од далечната 1992 година, а дел од неа беа стотина уметници од многу краеви на светот. Изложбата е дел од годишната програма на установата и е во склоп на превземени изложби за 2023 година, со финансиска поддршка од Министерството за култура. Граѓаните на Кочани ќе може да ја видат во наредните две недели.





