Со рачно зажнејување на ориз и вршидба на гумно во Мојанци означен официјалниот почеток на жетвата во кочанско
Ожнеани првите снопја ориз во кочанско. Традиционално со срп ги зажнеа овогодишната жетварска убавица Моника Миткова и со благослов и песна беше означен официјалниот почеток на жетвата. По собирање на снопјата беше демонстрирана и вршидба на гумно. На манифестацијата се собраа голем број гости од земјава и странство за да ги видат обичаите поврзани за жетвата.


-Нека бидат живи и здрави младите генерации, нека продолжат со традицијата и овој ден треба да влезе во историјата на Кочани, рекоа пред жетвата членовите на Здружението на пензионери од Кочани.


-Трите празнични дена ја славевме убавината, ги промовиравме туристичките потенцијали и ги афирмиравме можностите со кои располага Кочани. Тука сме да се поклониме на трудот на земјоделецот кој има извонреден придонес во развојот на стопанството и општествениот развој на Кочани. Да се поклониме на трудот на кој се надеваме дека ќе добие достоинствено место, пристојна цена и трудот вложен во производството на нашето бело злато ќе ја има вистинската вредност, истакна Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани..
Во рамките на манифестацијата беше прогласен и најуспешниот оризопроизводител. Наградата од 60 илјади денари отиде во рацете на Митко Стојанов, земјоделец од Кочани.


-Благодарност на Општина Кочани за наградата. Се надевам дека и во иднина ќе работиме успешно и посветено во производството на оризот. Сакам да упатам посебна благодарност до месната заедница Мојанци и Општина Кочани за одличната организација на манифестацијата која има за цел да го афирмира и поддржи оризопроизводството, истакна Митко Стојанов, најдобар оризопроизводител за 2022 год.

Во склоп на манифестацијата вештите раце на домаќинките од с. Мојанци подготвија трпеза со традиционални јадења од ориз, па присутните имаа можност да вкусат различни видови јадења направени од белото злато. Спојувајќи ја убавината и традицијата трите најубави жетварки беа претставени на сцената, а за културно уметничкиот дел се погрижија ФА „Љупчо Сантов“ Оризари, ОМУ „Ристо Јуруков“ и Оркестар „Мелем“.

Вечерва во Паркот во Кочани ќе се одржи концерт настап на изведувачи од македонската естрада под наслов „Македонијо, во срце те носиме“ со што ќе биде затворена годинешнава манифестација „Денови на кочанскиот ориз“.