Започна 32. издание на „Денови на кочанскиот ориз“
Со уличен театар и огнено шоу на Fireter, во Градскиот парк во Кочани со музички настапи на кочанските бендови Malinov & Special Selection и Nomad и крунисување на жетварската убавица започна овогодинешното издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз 2023“.

Моника Миткова, ученичка во гимназијата „Љупчо Сантов“ е избрана за жетварска убавица за 2023 година. Миткова ги освои гласовите на јавното гласање кое годинава се спроведе онлајн, во рамки на 32. издание на културната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“.

За прва придружничка на жетварската убавица беше избрана Стефанија Соколова, а за втора Ивона Ефтимова.

Трите најубави жетварки ќе учествуваат во обичајот зажнејување на ориз што во присуство на делегации ќе се одржи в недела, 1 октомври во селото Мојанци.

В недела на 1 октомври со почеток во 10:30 часот во село Мојанци ќе се одржи централниот дел од празнувањето на манифестацијата, односно традиционалното зажнејување и вршидба на ориз со културно-уметничка програма.

Вечерта во 20 часот во Градскиот парк во Кочани е големиот музички концерт „Македонијо, во срце те носиме“.


