На „Кафе и колачи со Ротари“ за промоција на активностите 
Отворен настан со медиумите и граѓаните за промоција на своите активности организираше Ротари клубот Кочани – Виница. Под насловот „Кафе и колачи со Ротари“ пред присутните гости беа промовирани досегашните активности од оваа ротаријанска година, како и активностите што следуваат. Меѓу другото граѓаните беа запознаени со ротаријанството и со начелата на Ротари.
На средбата присуствуваа членови на Ротари клубот Кочани – Виница, членови од други Ротари клубови од државата, граѓани и новинари. По интонирањето на државната химна и химната на Ротари кратко претставување на Ротари даде Александар Сеизов од Ротари клубот од Кавадарци.


Пред присутните зборуваа и дел од поранешните претседатели на Ротари клубот Кочани – Виница. Актуелниот претседател Сашко Андонов ги презентираше активностите кои се реализирани во оваа ротаријанска година, како и оние што следуваат.
-Од почетокот на оваа ротаријанска година спроведовме неколку активности. Ќе ги споменам „Ден без автомобили“, настан со кој ја поддржавме општината во организацијата доделивме заштитни елечиња на сите учесници и присутни. Ја организиравме Оризовата вечер – донаторска забава на која присуствуваа повеќе од 180 ротаријанци од 17 клубови од Македонија, Бугарија, Србија и Хрватска и други официјални лица. Целта ја постигнавме да собереме средства за помош на ранливите категории граѓани. Не застануваме овде со активностите. Во ноември имаме активности за одбележување на месецот за подигање на свеста за машкото здравје, а во декември организирање на едукативни предавања од областа на медицината, културата, образованието и така секој месец до крајот на ротаријанската година ќе имаме исполнет календар, истакна Сашко Андонов, претседател на Ротари клубот Кочани – Виница.

Ротари клубот Кочани – Виница годинава одбележува десетгодишно постоење и важи за еден од најактивните клубови во државата.