Со натпревари, забава и прослава Доброволното противпожарно друштво – Кочани одбележа две години постоење
Втората година од постоењето Доброволното противпожарно друштво ја прослави со збогатена програма за разлика од првата.


Целодневниот настан беше отворен со првите доброволни противпожарни игри на кои настапија екипи составени од доброволни противпожарни друштва од нашата држава, но и гости од Србија и Хрватска. Истите се натпреваруваа на четири полигона на три различни локации – Пожарна, Споменик на Слободата и Градски парк. Победата ја однесе ДПД Петроварадин од Србија, второто место му припадна на ДПД Сашко Гешовски од Кавадарци, а пиедесталот го комплетираше ДПД САСИ од Македонска Каменица. Беа присутни и ДПД Архангел од Битола, како и ДПД Мраморак (Србија), ДПД Марчан (Хрватска) и ДПД Водњан (Хрватска).


За првпат беше организирана и Мини олимпијада за најмладите во која со свои екипи зедоа учества сите основни училишта од Општина Кочани, Општина Зрновци и Општина Чешиново – Облешево (осум тима). Екипите беа составени од по 5 ученика од петто одделение со наставник и се натпреваруваа на три полигона, а сите учесници добија медали. Првото место го зазеде ОУ „Никола Карев“, ОУ „Кирил и Методиј“ беше на второ, а ОУ „Малина Попиванова“ го освои третото место.

Во Градскиот парк ДПД Кочани имаше свој штанд на кој беше изложена опремата којашто ја поседува како и возила со кои посетителите можеа да се запознаат и да се фотографиират. Свој штанд имаше и компанијата АрморПлус која ги изложи најновите модели на противпожарна заштитна опрема и опрема за интервенции.


Во попладневните часови се одржа и културно-уметничкиот дел од програмта. Беа прогласени најдобрите, а свое обраќање имаше Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, кој ја прими и благодарницата од ДПД Кочани за поддршка и придонес на градот кон развојот на друштвото. Свој настап имаа учениците од ОМУ „Ристо Јуруков“, дечињата на градинката „Павлина Велјанова“, Енерџи Фит Клуб, Ансамбл АТМИ „Митко Алексов“ и Јордан Манов Трио.

Членовите на ДПД го понесоа товарот за организација и реализација на овој настан.