Јубилејна 25. манифестација „Денови на мед“ во Кочани
Паралелно со одржување на панаѓурот во Кочани секоја година се организира и манифестацијата „Денови на медот“. Саемот на мед кој што има за цел да го промовира медот и пчелните производи и годинава се одржува под мотото „Користи го медот како храна, а не како лек“. Излагачи на мед и пчелни производи има од Кочани, Виница, Берово, Пробиштип, Прилеп, Битола, Куманово, Тетово и Скопје. Годинава посветуваат внимание на едукацијата на граѓаните каков е вистинскиот мед а како да го препознаат фалсификуваниот и додаваат дека инспекциите повеќе треба да поработат на откривање на фалсификуваниот мед, кој од друга страна претставува нелојална конкуренција на пчеларите. И оваа година во однос на приносите на мед пчеларите не можат многу да се пофалат, па затоа и скокна и цената на медот, годинава изнесуваше 500 денари за килограм. Организатори на манифестацијата и годинава беа пчеларите членови на ПЗ „Матица“ од Кочани.

-Приносите не се задоволителни бидејќи тоа се должи на климатските промени кои влијаат на пчелите. На состојбата во пчеларството влијае и целокупната економска ситуација и финансиска криза во државата која што се одразува и кај нас, рече Борче Атанасов, претседател ПЗ „Матица“ Кочани.
На манифестацијата која што се одржа во Градскиот парк во Кочани пред присутните се обратија и претседателот на Сојузот на пчелари на Р. С. Македонија Менде Трајковски како и Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски.

-Пчеларите добиваат субвенции за нивните пчелни семејства, а исто така преку Програмата за рурален развој се субвенционира набавка за пчелни матици се субвенцираат инвестиции во опрема за преработка на мед и пчелни произвдои преку програмата за млад земјоделец и рурална жена, истакна Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Подршка пчеларите имаат од локалната самоуправа на Кочани и од градоначалникот Љупчо Папазов кој ја прогласи манифестацијата за отворена.


ПЗ „Матица“ од Кочани во соработка со ОУ „Крсте Петков Мисирков“ од Оризари распишаа ликовен и литературен конкурс на тема „Мед од цвет“. Наградените ученици на конкурсот своите творби ги прочитаа на манифестацијата, а за културно уметничкиот дел се погрижија фолклористите од КУД „Руен“ од Кочани.