Со рачно зажнејување на оризот означен официјалниот почеток на жетвата во кочанско
Со рачно зажнејување на оризот со срп и со благослов и песна од страна на членовите на Здружението на пензионери од Кочани беше означен официјалниот почеток на жетвата во кочанско. По собирање на снопјата ожнеан ориз во с. Горни Подлог беше демонстрирана и вршидба на гумно. На манифестацијата се собраа голем број гости од земјава и странство за да ги видат обичаите поврзани за жетвата. На рачното зажнејување присуствуваше и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Абдулшуќур Абедини и државниот советник за рурален развој Трајан Димковски.
На подготвената бина присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов и заменик министерот Абедини.

Во рамките на манифестацијата беше прогласен и најуспешниот оризопроизводител. Наградата отиде во рацете на Анета Велкова од с. Грдовци. Во склоп на манифестацијата вештите жени подготвија трпеза со традиционални јадења од ориз, така што присутните имаа можност да вкусат различни видови јадења направени од белото злато.


За културно уметничкиот дел се погрижија фолклорни ансамбли од Оризари и Босна и Херцеговина, а концерт имаше и Ирена Спасовска со Маестро бенд од Кочани.


Програмата од манифестацијата продолжи во градскиот парк во Кочани каде што настапија децата од ДГ „Павлина Велјанова“ и од основните и средните училишта. Награди беа доделени на ученици учесници на детскиот ликовен и литературен конкурс „Рака ориз, грст насмевка“. Во паркот со свои штандови се претставија здруженија, компании и институции со свои производи, ракотворби, изработки од ориз, органска храна и уметнички креации.

Програмата продолжи со концерт на Зарина Првасевда и Паркети, како и дефиле на фолклорни групи низ центарот на Кочани и настап на домашни и странски фолклорни ансамбли.
