Првачињата од Кочани свечено примени во Детската организација
Вложувањето во децата е вложување во иднината – ова е чест слоган на Обединетите Нации, кој се однесува на детската популација. Сите деца имаат право да живеат во демократско и хумано општество, во кое постојат услови младите од сите возрасти, па и оние најмалите, добро да се подготват за предизвиците и промените со кои ќе се судрат во утрешнината која доаѓа. Деновиве, кога со низа активности се одбележува Светската недела на детето, не смее да се заборави дека училиштето е нивниот втор дом. Патот до успехот е безусловно зависен и од квалитетното школување беше речено на манифестацијата што по повод Приемот на децата во детската организација се одржа во градскиот парк во Кочани.

Првачињата ги научија своите права, а ја дадоа и заклетвата дека со која се обврзаа дека ќе учат вредно и ќе бидат добри и послушни ученици. Сите првачиња ги поздрави градоначалникот Љупчо Папазов.

Повозрасните другарчиња, учениците од основните кочански училишта, за нив подготвија приредба, а возрасните ветија дека ќе ги почитуваат правата на децата затоа што само на тој начин може да се очекуваат здрави и среќни деца. Инаку оваа активност беше дел од Неделата на детето што традиционално се прославува секоја прва недела од октомври, а во чие одбележување се вклучува и Општина Кочани.
