Претставата „Тунел“ ја доби Гран при наградата на јубилејното 60. издание на ДАФ
Гран при наградата „Васил Ќортошев“ за најдобра претстава на 60. издание на Драмскиот аматерски фестивал ја доби претставата „Тунел“ на театарската група „Годо“ од Кочани, во режија на Кристина Атанасова Арсова. Претставата фрагментирано се осврнува кон сите типови на насилство, физичко, емоционално, врсничко, семејно. Конфликтите беа прикажани низ силна уверлива драмска игра и кореографија, со особена поетика и критика на актуелната стварност. Инаку, победничката претстава е под покровителство на Ротари клубот Кочани – Виница и претставува увертира во оформувањето на Драмската аматерска академија во Кочани зад која стои Ротари клубот.

Наградата за режија „Борис Стојчев“ ја доби Кристина Атанасова Арсова за претставата „Тунел“ на театарската група „Годо“ од Кочани.

-Награда за споредна женска улога доби Тамара Стојановска за улогата Лиза и Вики во претставата „Драги уметници“ на Театар Чекори од Скопје. Таа прикажа квалитетна трансформација и издржана игра при доловувањето на двете улоги.

Награда за споредна машка улога доби Никола Кузмановски за ликот на Ласте во претставата „Драги уметници“ на Театар Чекори од Скопје. Тој долови комичен лик со минимални а моќни изразни средства.
Награда за главна женска улога и беше доделена на Анџелија Мировиќ за ликот на Наталија Степановна во едночинката „Просидба“ од Чехов, во продукција на Академско позориште од Ниш, Србија. Таа прикажа сугестивна игра низ различни нијанси, при доловувањето на емотивните состојби на ликот.

Награда за главна машка улога доби Даниел Гочевски, за ликот на Драган Тарабунов во претставата „Драги уметници“ на Театар Чекори од Скопје. Тој покажа супериорна игра во доловувањето на ликот на режисерот, кој се бори да го прошири репертоарот на театарот, во оваа комедија.

Награда за истражување сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар доби претставата „Умрежени“ на КУД „Бранко Радичевиќ“, од пододбор Просвета – Почетин, Хрватска, во режија на Цветин Аничиќ. Претставата е коментар на актуелната стварност одиграна низ колективна игра со вклучени лица со посебни потреби, а се осврнува на младите и децата кои се жртви на виртуелната стварност. Во таквата стварност недостасува љубовта како потреба за спас за човечноста, а тоа е она што инстистира овој театарски чин.

Награда во категорија за деца и младинци доби претставата „Црвенкапа“ на драмското студио „Летечка Театарска Трупа“ од Тетово во режија на Зоран Јовановски. Наградата се доделува за иновативниот пристап во адаптацијата на бајката и за успешно избегнатото насилство, на што инстистира оригиналниот текст, со суптилна разрешница на самиот крај, истакна Анкица Бенинова, претседател на жири комисијата на 60. издание на ДАФ.

На годинашново јубилејно издание на ДАФ на репертоарот беа прикажани 12 домашни и странски театарски групи од кои десет претстави беа одиграни во натпреварувачки и две во ревијален дел. Настапија театарски групи од Кавадарци, Кочани, Скопје и Тетово, од Прокупље, Ниш и Шид од Р. Србија, како и од Вуковар од Р. Хрватска. Надвор од конкуренција учествуваа народниот театар од Велес, како и театарска група од Турција.

– Додека се збогуваме со фестивалот, да го носиме духот на живиот театар во нас, да продолжиме да ги поддржуваме и браниме уметностите, да бараме настапи во живо и да ги негуваме неповторливите моменти кои ги подарува театарот. Театарот не е само место што го посетуваме, тоа е пламен што гори во нас, ги разгорува нашите страсти и не потсетува на нашата способност за емпатија, имагинација и креативност. Да продолжиме да ја славиме убавината, моќта и живоста на театарот, и секогаш запомнете Театарот е жив, истакна Кристина Атанасова Арсова, претседателка на Управниот одбор на ДАФ.
-Честитки за организаторите, за фестивалското жири, за селекторот кој направи прекрасен избор на импозантни претстави. Благодарност до граѓаните на Општина Кочани како публика. Кочани во изминатата седмица пулсираше во знакот на културата, во знакот на драмската уметност. Нека овој 60 годишен фестивал прерасне во традиција која ќе трае со години. Една од обврските заедно со Ротари клубот Кочани – Виница кој што ја помогна победничката претстава е да продолжите да го реализирате ветувањето за формирање и функционирање на Драмска аматерска академија во Кочани. Нека ви е со среќа и честитки за сите, рече градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов.
Финансиската поддршка за реализацијата на Драмскиот аматерски фестивал годинава обезбеди Министерството за култура на Македонија, Општина Кочани, ЕУ за тебе и спонзорства од бизнис секторот во регионот.