Успешно организирана втората урбана Ротари трка во Кочани
Успешно помина втората урбана Ротари трка што во организација на Ротари клубот „Кочани – Виница“ се одржа денеска низ кочанските улици. Учествуваа над 270 натпреварувачи што е за стотина повеќе од првата ланска Ротари трка.

Учесниците трчаа низ кочанските улици на патеки со должина од 5 и 10 километри во поединечна конкуренција и фамилијарно во должина од 2.5 километри на истата траса.

Стартот на трката беше пред ЦК „Бели Мугри“, по булеварот „Тодосија Паунов“, улиците „Никола Карев“, „Маршал Тито“ и „Кеј на револуцијата.

– На трката се имаат пријавено над 270 учесници. Се трча во три категории, на 2.5 км. фамилијарна трка на 5 и 10 километри во машка и женска конкуренција. Имаме пријавено учесници од цела Македонија, дури и олимпијци од нашата држава. Организацијата е на Ротари клубот „Кочани – Виница“ со поддршка на УСАИД, Фондацијата за локален развој – Штип и други спонзори, ќе ги споменам Амфенол Технолоџи Македонија, Комерцијална банка, Винчини, Фармаси и други поддржувачи. И за оваа година имаме најавено и натпреварувачи од странство. Ќе бидат доделени награди во трите категории во машка и женска конкуреција. Наградниот фонд за 10 км изнесува вкупно 40.000 денари и награди од спонзорите, истакна истакна Сашко Андонов, претседател на Ротари клуб „Кочани – Виница“.

Во машка конкуренција на трката од 10 километри прво место освои Дарио Ивановски, втор беше Мартин Трајановски и трет Миле Бачевски и двајцата од АК „Коранерс“.

Во женска конкуренција на трката од 10 километри првото место го освои Тамара Јолеска Попов од АК „Атомик“, второто место го освои Маја Рајчина и третопласирана беше Јулијана Смилевска.

На 5 километри во машка конкуренција најдобар беше Григоријан Никовски од АК „Делта“, втор Ристо Чалков и трет беше Столе Ангеловски.

Во женска конкуренција на 5 километри најбрза беше Анастасија Христова, второто место го освои Марија Пеликон и третопласирана беше Ана Пендовска.
Во фамилијарната конкуренција најуспешни беа Николчо Костадинов и Панче Саздов.
Секој учесник на трката доби медал за учество, додека победниците во трите категории плакета и парични награди.
