Започна јубилејното 60. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија
Пред љубителите на театарската уметност во Кочани беше отворено јубилејното 60. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија кој ќе трае до 28 мај.

На отворањето во салата на ЦК „Бели Мугри“ во Кочани, присутните ги поздрави претседателката на Управниот одбор на ДАФ, Кристина Атанасова Арсова која порача во време на дигитализацијата која несомнено донесе погодност и пристапност во нашите животи, да не заборавиме на незаменливата вредност на театарското искуство во живо.

-Ниту една количина на екрани со висока дефиниција или виртуелна реалност не може да ја долови електричната енергија што се бранува низ воздухот кога светлата се затемнуваат, а завесата се крева. Да ја славиме автентичноста, интимноста и суровата убавина на театарот. Да ја прифатиме моќта на оваа аналогна уметничка форма која не зближува, ги буди нашите сетила и не потсетува на длабокото влијание што може да го има човечката врска. Во свет кој брзо се менува и станува се повеќе дигитален, да ги негуваме и да ги поддржуваме младите актери кој го одржуваат разгорен пламенот на живиот театар, порача на сцената претседателката на Управниот одбор на ДАФ, Кристина Атанасова Арсова.
Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов.

-Општина Кочани секогаш давала и продолжува да дава силна поддршка на одржувањето на ДАФ. Годинава веќе во подобрени услови во реконструираната сала на ЦК „Бели Мугри“ ќе прими 9 театарски состави меѓу кои од Ниш, Прокупље, Истанбул, Вуковар кој му даваат меѓународен предзнак на ДАФ. Во фестивалската седмица пред нас организаторите, публиката и учесниците нека бидат во синергија и во ова 60. издание на ДАФ сите нека уживаат во претставите и придружните фестивалски содржини, рече пред присутните градоначалникот на општина Кочани Љупчо Папазов.
За особен придонес и поддршка во развојот и организацијата на ДАФ Управниот одбор на ДАФ додели благодарници на Општина Кочани што ја прими градоначалникот Папазов како и на човекот кој што изминативе години со неизмерна енергија го чуваше и штитеше фестивалот, Благој Пенов.


На првата фестивалска вечер беше одиграна претставата „Синиот портокал“ на на театрот Јордан Х.К Џинот“ од Велес. Претходно, во Паркот на револуцијата беше прикажан театарско – музички перформанс „Театарот е жив“.
Во вторник на 23 мај во 19 часот на платото пред ЦК „Бели Мугри“ ќе биде одиграна претставата „Ноќ во музејот на ЈОУ Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци, а во 20 часот според програмата е STAND UP на Софија Ристевска.

На годинашното јубилејно 60. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија ќе настапат вкупно 12 домашни и странски театарски групи од кои десет претстави ќе бидат прикажани во натпреварувачки и две во ревијален дел.

Годинава ќе бидат доделени награди за најдобра женска и машка епизодна и главна улога, за најдобра режија, за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, специјална награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци и гран при „Васил Ќортошев“.
