Документарниот филм „Што е тоа жена?“ прикажан и во Виница
Во ДК „Тошо Арсов“ во Виница се одржа проекција на документарниот филм „Што е жена?“ на Мет Волш.
Во филмот на едноставен и забавен начин се обработува една од главните теми на денешната цивилизација – што е тоа жена, како таа се дефинира и дали личните чувства можат да бидат над реалните биолошки факти.

Прикажувањето на филмот е во организација на Коалицијата за заштита на децата и Елеуса Фондација.

-Коалицијата за заштита на децата и Елеуса Фондација стапија во потесна соработка со цел да го донесат пред македонската публика филмот „Што е тоа жена?“ на Мет Волш. Тоа е филм кој е спој на документарец со хумористични нишки, во кој се разработува една мошне современа и значајна тема – што е тоа жена и како се дефинира жената, со посебен акцент на женските права. Овој филм ни дава пластични примери за последиците од Законот за родова еднаквост – бришење на жената од историјата и нејзино заменување со нешто апстрактно и неодредено. Законот за родова еднаквост моментално е актуелна тема кај нас и бидејќи сметаме дека потребно е секој граѓанин да го изгледа филмот, за да се информира за што станува збор, овозможивме влезот за овие проекции да биде слободен. Проекции до сега имаше во Струмица и Берово, но ќе има низ повеќе градови во Македонија, а очекуваме истите да се случат и на албански јазик. Особено сакаме да се заблагодариме на сите граѓани и родители кои ни помогнаа во организацијата и проекцијата на филмот досега. Сакам да се заблагодарам и на Благица Стојановска, директорка на Домот на култура во Виница за прекрасната организација и што ни овозможи да го прикажеме филмот, истакна Ненад Стојанов, претставник од Коалицијата за заштита на децата.
Граѓаните кои што присуствуваа по прикажувањето на филмот за истиот дадоа позитивни коментари и реакции. Од Коалицијата за заштита на децата истакнаа дека за повеќе информации околу следните проекции граѓаните да ја следат Фејсбук страницата на Коалицијата за заштита на децата.



