Со роденденска гала вечер Ротари клубот Кочани – Виница го одбележа своето 10 годишно постоење и успешно функционирање
Јубилејна 10-та Роденденска гала вечер организираше Ротари клубот Кочани – Виница одбележувајќи го своето 10 годишно успешно функционирање и реализирање на проекти.
На свеченоста што се одржа во Хотел ресторан „Александар парк“ во Виница покрај големиот број ротаријанци и пријатели на Ротари од други клубови, присуствуваа Гувернерот на Дистрикт 1912 Македонија и Словенија Раде Христовски, Амбасадорот на Република Бугарија Ангел Ангелов, Началникот на благоевградскиот округ и претседател на Интеркантри Комитет Бугарија-Македонија-Словенија Николај Шушков, како претставници од Фондацијата на Ротари Интернационал.

Свеченоста започна со интонирање на Химните на Македонија и Ротари Интернационал, а беше кажано неколку зборови и за Ротари мисијата која започнува во 1905 та година во Чикаго Соединетите Американски Држави и до денес верно и служи на заедниците ширум светот. Водејќи се со мотото “ВО СЛУЖБА НА ЗАЕДНИЦАТА” милион и двеста илјади членови на Ротари во светот успеаја да реализираат илјадници проекти, илјадници добри дела и милиони пријателства да бидат стекнати. Ротари делува на повеќе полиња и помага на човештвото на глобално ниво.

Ротари мисијата е присутна кај нас преку домаќинот Ротари клубот Кочани – Виница, како и Ротаракт и Интеракт клубовите.

Формиран пред 10 години од 27 ентузијасти, докажани во своите професии, истовремено поведени од желбата да дадат свој придонес за подобрување на квалитетот на животот на заедницата. За само 10 години клубот направи многу за заедницата, организираше безброј хуманитарни и корисни настани што придонесоа за подобрување на квалитетот на животот на луѓето во нашите општини.

Беа реализирани многу проекти меѓу кои позначајни се:
- Реновирање на училници, центри за лица со посебни потреби
- Изградба на пациа и училници на отворено
- Кабинет по роботика и оформување на Национална лига по роботика
- Донација на ЕКГ, ЕХО, Спирометри, Сонди, кревети и други апарати во Болниците во Кочани, Виница и клиничкиот центар во Штип
- Ротари Трка, Ротари театарска претстава,
- Еко Акции, поддршка на локални проекти на заедниците
На свеченоста беа споменати досегашните минати 9 претседатели на клубот, а пред присутните зборуваше актуелниот претседател Сашко Андонов.

-Горд сум што сум наследник на вакви претседатели, а уште по горд сум на мојот тим со кој што се бориме оваа година – секретарот Васил Пендевски, трезористот Андон Гушков, претседателот на комитетот за проекти Васил Таковски и идниот претстедател за 2023/24 Зафир Наков. Знам дека оваа година беше напорна. На почетокот кога ја преземав функцијата претседател мавтав со мотиката повикувајќи на работа. Доста сработивме и го поставивме патот по кој треба да се движи клубот во наредните години и да реализираме поголеми проекти. Оваа прилика ќе ја искористам да Ве повикам да се фатиме не за мотика, туку за пенкало и да почнеме да ги пишуваме проектите и да ги аплицираме до Ротари фондацијата чии претставници се со нас вечерва и да направиме реална промена во нашето општество. Меѓу другото сакам да ги претставам и младите од новоформираниот Интеракт клуб од Виница, рече Сашко Андонов, претседател на Ротари клуб Кочани – Виница.
Присутните ги поздрави и специјалниот претставник на Ротари интернационал за Формирање на Ротари Клуб Кочани – Виница Огнен Фирфов, како и иницијаторот и главен виновник за оформувањето на клубот, а воедно и чартер претседател, паст координатор и претседател на интеркантри комитетот Македонија-Бугарија-Словенија Зоран Тодоров.

Гувернерот на дистрикт 1912 Македонија и Словенија Раде Христовски по своето обраќање свечено им ги додели Пол Харис значките и плакетите на чартер претстедателот Зоран Тодоров и актуелниот 10 ти претседател Сашко Андонов.


Присутните ги поздрави и Сем Кендал претставник од Ротари Интернационал Фондацијата, а зборуваа и претседателите на Ротари клубовите од Србија, Црна Гора, Бугарија и Македонија.
Оваа јубилејна донаторска прослава е од клучно значење не само за Кочани и Виница туку и за целиот регион, бидејќи со неа беше најавен почетокот на битката за природна контрола на популацијата на комарците.
Сите средства собрани од вечер ќе бидат наменети за проектот “Одред Вилинско Коњче – Природна контрола на популацијата на комарците”. Присутните беа дарежливи и се вклучија во аукцијата на слики и во лотаријата и со тоа помогнаа овој проект да се реализира што поскоро.
Главната награда од лотаријата беше невообичаена и интересна и гласеше „На ручек со ротаријанец“ со цел оној што ќе ја добие да размени мислење и позитивни искуства од досегашните успеси на еден од членовите на Ротари клубот Кочани – Виница.
За време на приемот на гостите свиреа учениците од ОМУ „Ристо Јуруков“ и ги удостоија со нивниот перформанс. Тоа беа учениците кои што во изминатите 3 години под раководство на нивните ментори го збогатија училиштето за 42 први, 19 втори и 15 трети награди, претставувајќи се во повеќе држави како Австрија, Унгарија, Италија, Босна и Херцеговина, Србија, Америка, Абу Даби и Македонија.
Публиката имаше ретка можност да ужива во исполнување на композиции од страна на учениците Вера, Јован, Ана, Зорана, Андреа, Марко, Теодора и Александра, а подоцна имаа чест да ги слушнат Макарија Иванова и Јован Цветанов кои ги воодушевија присутните и добија огромни аплаузи.
Макарија има настапувано на 17 натпревари и има освоено 14 први награди, 2 втори и една трета, а Јован на 6 натпревари и има освоено 4 први, една втора и една трета награда.
На крајот беше пресечена роденденската торта, а за забавата беа задолжени членовите на маестралната група Корзо, како и групата Хабана бенд.