Промовирана книгата „Планинарско – скијачко друштво Пониква“ од Киро Герасимов и Љубинка Ајтовска
Во пресрет на годишнината од смртта на новинарот и публицист, Киро Герасимов денеска во малата сала на Мултикултурниот центар во Кочани постхумно беше промовирано делото „Планинарско – скијачко друштво Пониква“ од авторите Киро Герасимов и Љубинка Ајтовска.

Делото е составено од четири целини кои говорат за природно-географските карактеристики на Осоговските Планини; патеките и трасверзалите низ Осоговијата; туристичките потенцијали, а содржи и сеќавања на планинари, членови на ПСД „Пониква“ – Кочани.

– Како рецензент би рекол дека книгата е скапоцено дело за нашиот град и хронологија на планинарскиот спорт и планинарењето во Кочани. Книгата е прекрасна прилика да направиме промоција и на планинарењето бидејки Кочани е опкружен со две планински убавици кои пленат со својата убавина. По една година од отсутниот херој Герасимов, и овде присутната почитувана Љубинка Ајтовска имаме можност да направиме промоција не само на планинарско – скијачкиот спорт „Пониква“ туку на целото планинарење во нашиот град, истакна Сашко Стефановски, рецензент на делото.
Издавач на изданието „Планинарско-скијачко друштво Пониква“ е печатницата „Европа 92“, промотор Сашко Стефановски, а модератор на настанот беше Магдалена Кочовска-Салтирова.

– Киро Герасимов имаше едно исклучително изострено чувство за значењето на организираното живеење во Кочани и тоа умееше да го склопи во печатени изданија. Започна и едно дело за планинарското – скијачко друштво „Пониква“ – Кочани, меѓутоа неуспеа да го заврши. Во последните денови кога се консултиравме заеднички околу неговата концепција и замисла, бидејки како да беше свесен дека нема да успее да го доврши, остави аманет да го продолжам и тоа остави список на лица со кои веќе контактирал, планинари кои ќе можат да дадат свои сеќавања и искази за тоа како живеело и се организирало планинарството кон крајот на шеесетите, седумдесетите и осумдесетите години. Имав можност да контактирам планинари кои се добри луѓе и ја познаваат планината и дел од нив тројца го искачиле и Мон Блан. Книгата содржи мал дел од она што значи планинарство и планинарско живеење, меѓутоа пренесува една голема љубов и етика кон планината и кон природата воопшто. Пораката од самата книга е да ја чуваме природата, да умееме да си го чуваме нашето здравје преку физичката активност и од друга страна таа ги промовира потенцијалите на Осогово и Осоговските Планини како природни и туристички убавини, истакна М-р. Љубинка Ајтовска, коавтор на делото.

Организацијата на промоцијата и припадна на Клубот за планинарски спортови „Москито“ – Кочани.

