Ротари клубот Кочани – Виница во борба против комарците, почна инсталацијата на скулптурата „Вилинско коњче“
Започнаа активностите за поставување на скулптурата „Вилинско коњче“ во Градскиот парк во Кочани.

Иницијатор и носител на проектот е Ротари клубот Кочани – Виница. Се поставува со поддршка на Општина Кочани, а со помош на донации и спонзорства на локални компании и граѓани кои ја поддржуваат идејата на Ротари клубот за активирање и засилување на борбата против комарците. Овој проект кој што е од огромно значење за нашиот регион е само увертира на проектите што следуваат а кои што се поврзани со природна контрола на популацијата на комарците.

На скулптурата претставено е вилинско коњче со метални крилја високо околу 5 метри и широко околу 3,5 метри. Автор на проектот е академскиот уметник Орхан Ќамилов. Скулптурата е дел од проектот за реставрирање и реновирање на градскиот парк во Општина Кочани.
Поставувањето на вилинското коњче не е целосно завршено, ќе биде комплетирано во наредните денови.
Од Ротари клубот велат дека ова е само почеток на една голема битка со комарците која не засега сите и додаваат дека кога ќе биде целосно комплетирана скулптурата ќе биде објавена и листата на сите донатори и спонзори на проектот.
